ДИНГ ЛИРЕН Е СВЕТСКИ ШАХОВСКИ ШАМПИОН!
Нашиот, алкалоидовиот Динг, човекот кој би можел да го заврти глобусот и да каже: „ЈАС сум шампион во шах на планетата Земја!“ Но тоа од него нема да го слушнеме. Овој скромен, исклучително воспитан, млад човек успесите ги доживува на свој начин, тивко, со своите најблиски, без многу помпезност, како да е тоа сосема очекувано.
Кога некој толку многу се вложува во шаховската игра тогаш е сосема разбирливо дека врвните резултати се очекувани.
Роден е на 24 октомври 1992 година во Вензохоу (Кина), а шах почнува да учи на 4-годишна возраст. На 9 години го освојува Првенството на Кина за повозрасни јуниори, а веќе на 16 години и Сениорското првенство на својата земја и титулата велемајстор. Се редат првите места на најпознатите шаховски турнири.
За првпат за ШК Алкалоид настапува со нашиот европски тим во 2016 година. И тоа како!!! Иако за време на целиот турнир е болен, го предводи тимот до првото место на Европскиот клупски куп, најсилниот клупски натпревар во светски рамки. Со температура ги игра последните две партии во решавачките мечеви, давајќи незаборавен пример како се игра за клуб и за екипа.
Следната 2017 година повторно ја предводи нашата екипа, овојпат до второто место во истото натпреварување, дополнето со сребрен медал за индивидуален резултат на првата табла.
Фасцинантно е неговото однесување спрема екипата на ШК Алкалоид и во 2018 година кога дојде на Европскиот клупски куп по тешка повреда на ногата, се движеше со штаки, но храбро настапи за клубот. Уште повеќе, настапи со само два дена пауза по Олимпијадата, на која со репрезентацијата на Кина освои златен медал, како и златен медал на првата табла за индивидуален резултат. Каков човек, спортист, шахист и пример претставува Динг за сите генерации! Иако имаше полно оправдување да не допатува, во неговата човечка и професионална етика е дека ветеното треба да се исполни. Не смее да го изневери клубот. На тој турнир играше феноменално!!! Овде ја одигра и една од своите најдобри партии во настапите за ШК Алкалоид против тогашниот актуелен светски шампион Магнус Карлсен. Динг маестрално го надигрува, но една грешка и партијата завршува со реми. Карлсен е пресреќен и тоа емотивно го покажува, додека, пак, Динг тивко и без видливи емоции ја напушта салата за игра. Таквото однесување во шаховскиот свет е реткост.
ШК „Алкалоид“ е единствениот клуб надвор од неговата матична држава Кина за кој некогаш настапувал. Ако треба најкратко да се опише неговата улога во ШК Алкалоид, тоа би изгледало вака: играч кој би го посакал секој тим и играч кој е драгоцен за секоја екипа!!!
Во 2019 година станува светски првак во забрзано темпо на игра и втор играч во светот според рејтингот во класичен шах. Логичен след на настаните е борбата за светскиот шаховски трон!
Така и се случува. Во април 2023 година Динг Лирен го игра мечот против Јан Непомјашчи за титулата светски шаховски шампион. Во еден прилично интересен и драматичен меч, со неочекувано многу одлучени партии, Динг со ладнокрвна игра трипати го изедначуваше резултатот, па мечот со класично темпо на игра заврши нерешено (7:7). Можеби изгледаше дека не успева да ја пронајде својата игра со белите фигури, додека, пак, со црните, иако одлично му одеше во текот на партиите, загуби две партии. Следуваа 4 партии со забрзано (rapid) темпо. Динг ги задржа смиреноста и ладнокрвноста, па во партиите со забрзано темпо го исполни својот сон и стана првиот кинески шахист светски шампион. Сега Кина ја поседува и машката шампионска титула (покрај онаа во женска конкуренција на светската шампионка Ју Венјун).
„Тивка олуја“ е прекарот што го доби во западниот шаховски свет; мирен и повлечен, шахист со фанатична упорност, ладнокрвност, самодоверба. На шаховската табла создава неверојатни заплети, кои честопати ни оддалеку не се предвидливи за противникот.
Да, тоа е нашиот Динг Лирен. Со нетрпение ја очекуваме следната средба, па заедно да се радуваме на нови победи!