ФИЛИП ПАНЧЕВСКИ И МОНИКА СТОЈКОВСКА СЕ ШАМПИОНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2022 ГОДИНА!
Во периодот од 29 април до 05 мај, во хотел Континентал во Скопје се одржаа поединечните државни првенства на Македонија во машка и женска конкуренција.
Шахистите на Алкалоид убедливо ги освоија двете шампионски титули!
На Отвореното првенство на Македонија настапија 59 учесници, од кои тројца Интернационални мајстори и пет Фиде мајстори. Турнирот се играше во 9 кола по Швајцарски систем. Победник на турнирот е Интернационалниот мајстор Филип Панчевски член на ШК Алкалоид, кој сигурно и успешно ја оправда улогата на фаворит. До својата шеста титула македонскиот репрезентативец стигна убедливо, освојувајќи 8 поени од 9 партии (притоа со 7 победи и две реми). Репрезентативецот на Македонија и член на ШК Алкалоид ИМ Тони Лазов го се пласираше на 5-то место со освоени 6 поени, исто толку поени освои и младиот член на ШК Алкалоид Михаил Јорданов кој по дополнителен критериум заврши на 10-то место.
По неколку годишна пауза се одржа Отвореното првенство на Македонија за жени, на кое учествуваа 12 шахистки од кои три се членки на женската екипа на ШК Алкалоид. Првото место очекувано и сосема заслужено припадна на првата табла на македонската репрезентација женскиот Фиде мајстор Моника Стојковска со освоени 6 поени од 7 партии. На второто место се пласираше легендата на македонскиот женски шах, долгогодишна репрезентативка и член на ШК Алкалоид женскиот Интернационален мајстор Габриела Коскоска со освоени 5 поени. Солиден настап имаше и младата Ефтовска Леа, која пријатно изненади на својот прв шампионат, се избори и успеа да освои 4 поени од 7 партии, што значеже пласман на петтото место.