Алкалоид петти во светот, медал за Недев на втора табла
Алкалоид петти во светот, медал за Недев на втора табла
Со одигрување на партиите од 9. коло во Струга заврши Светското екипно првенство во шах за сениори, кои беа поделени во две категории: играчи над 50 години и играчи над 65 години.
Победувајќи ја третата селекција на Англија со моќен резултат од 3;5:0,5, ШК Алкалоид се издвои сам на петтото место на табелата меѓу 22 екипи, при што повеќе од половината беа репрезентации на одредени земји. Тоа му дава посебна тежина на пласманот, но ако се додаде дека истиот е изборен играјќи нерешено со најсилните две селекции (САД и Англија, кои на крајот исто така ги освоија првото и второто место), задоволството е уште поголемо.
ВМ Кирил Георгиев на првата табла брилјираше во партија каде што неговиот противник играше Словенска одбрана и од првиот потег до самиот крај безгрешно ги водеше белите фигури до победа. ВМ Трајко Недев со црни фигури ја играше острата Сицилијанска одбрана и вложи голем труд за да ја преземе контролата на играта, по што дојде во добиена позиција. И ВМ Влатко Богдановски беше пред победа, имаше голема предност во самата партија играјќи Каро-Кан отворање, но реализацијата претставуваше проблем, па така само овој дуел заврши со поделба на поенот. На четвртата табла ВМ Звонко Станојоски се соочи со противничка која не покажа дека му е дорасната, а самиот факт дека успеа да ја матира и да поведеме со 3:0 кажува дека нашиот играч беше на висина на задачата.
– Сметам дека го потврдивме реномето и не бевме попусто сметани за фаворити од сенка. Имавме добри резултати, пет победи, две нерешени и два минимални порази. Задоволни сме од добрата игра и залагањето на сите играчи, се играше на секој поен, па едноставно недостигаше малку спортска среќа за нешто повеќе. Навистина, не можам да кажам ништо лошо за нашиот тим бидејќи покажавме класа и не потфрливме меѓу силни светски селекции. Посакувавме екипен медал, но се надевам дека ќе го освоиме во некој следен настап, но во моментов иако тоа не се случи мора да кажам дека петто место во светот за еден шаховски клуб е респектабилен резултат, особено кога зад нас се селекции од земји како Канада, Полска и Словачка. Искрено сметам дека во иднина повторно ќе имаме шанса да играме за висок пласман и да донесеме трофеј што ќе ги израдува шаховските вљубеници во земјава, но и за самата држава и за компанијата која стои зад нас и ни ја дава потребната поддршка,- изјави капитенот на Алкалоид, ВМ Драган Јаќимовиќ.
На крајот беа доделени и медали за најуспешните играчи по табли, каде што ВМ Трајко Недев го освои сребрениот медал на втора табла, зад Кајданов од САД и пред Годена од Италија. ВМ Кирил Георгиев и ВМ Звонко Станојковски беа четвртопласирани во конкуренција на прва и на четврта табла, односно малку недостигаше да стигнат до бронза.
-Задоволен сум од играта и сметам дека покажавме квалитет, испративме порака до помладите дека од Македонија може да се игра успешно шах, дека со работа и желба може да се постигне многу. Би сакал ова да биде поттик за нив, да продолжат да го изучуваат шахот и да стигнат до посакуваните цели. Ние како екипа се обидовме да стигнеме до медал и поединечните успеси не ни беа во фокусот, но сепак задоволство ми е кога гледам дека и противниците со кои сум играл освоиле медали (Елвест, Година, Петерсон), што значи дека и тие биле во добра форма, па на тој начин овој медал ми носи сатисфакција дека не е освоен случајно,- изјави ВМ Трајко Недев.
Од другите македонски екипи добар резултат постигнаа ветераните кои играа во категоријата играчи над 65 години, каде што на крајот беа на делба од 11 до 13 место (според тај-брејк дванаесетти), иако според стартниот рејтинг беа на 18. место.
Фото: Архива на ШК Алкалоид